Никој не се грижи за бездомните лица. Ова е голема трагедија, вели воениот репортер од Милано Ливио Сенигалиеси

Премиерот Конте издаде наредба за задолжително седење дома. Но никој не помислува на сиромашните и бездомниците. Помошта од доброволците е забранета, доставата на храна и јавните кујни се затворени. Уште еднаш судбината си поигра со оние на коишто им е потребна помош, вели воениот репортер од Милано Ливио Сенигалиеси (64), кој во разговор за „Нова Македонија“ ја опишува ситуацијата во Италија.

Ливио Сенигалиеси

Во последните 24 часа во Италија починале 250 заболени од коронавирус, а евидентирани се 2.116 нови случаи. Вкупно позитивни се 14.955 лица.

– Денешната ситуација изгледа како црно-бела фотографија. Границите со Австрија и Словенија се затворени. Слично е и со границата со Франција. Целата Шенген-област е блокирана. Сѐ повеќе и повеќе луѓе се заразени, а меѓу нив има и деца. Болниците се преполни. Докторите и сестрите се преморени, смените им траат по 24 часа. Во Ломбардија многу индустриски и комерцијални активности се забранети. Економијата е во слободен пад, но милион евра се издвоени за да се покријат трошоците на луѓето што ги изгубија своите работи. Училиштата и факултетите, исто така, се затворени. Не знаеме кога ќе продолжат часовите и тестовите. Само аптеките и супермаркетите за храна се отворени. Улиците се празни, само полицијата и армијата може да се види како ги проверува луѓето. Неопходно е да се пополни формулар од Министерството за внатрешни работи, доколку сакате да излезете надвор. Повеќето луѓе работат на компјутер од дома – раскажува Сенигалиеси.

Многу од лицата што се во домашна изолација не знаат како да се справат со проблемот, па затоа здравствените работници ги посетуваат и дома.

– Многу пациенти се префрлени во други региони во северна Италија затоа што во болниците во Ломбардија нема место. Здравствените органи ги даваат своите услуги до домовите на луѓето, вклучително и психијатри. Луѓето со хендикеп претставуваат сериозен проблем. Посебно ме погоди следнава приказна: во Бергамо 80-годишна двојка, која заедно преживеале 60 години во брак, за два часа починале заедно од коронавирусот – објаснува Сенигалиеси.

Италија моментно е најголемо европско жариште на заразата, а властите пред неколку дена прогласија карантин во целата земја, воведувајќи строги мерки до кои треба да се придржува населението.

– Социјална дистанца е клучот на спречувањето на ширењето на заразата. Наредните недели ќе бидат клучни и сѐ ќе зависи од однесувањето на секој поединец – изјави специјалниот комесар, Анџело Борели.