Делта варијантата на ковид-19 се покажува како помалку смртоносна од другите мутации на вирусот, вели Александар Горелов, заменик-директор на Централниот истражувачки епидемиолошки институт и дописен член на Руската академија на науките.

– Не е во ред да се зборува за зголемен број жртви зашто сегашната состојба е кардинално различна од пролетта 2020 година кога „баравме во темница“. Сега и кај најсериозните случаи смртноста е јасно пониска ако ја споредиме со тој период – рече Горелов во интервју за руски телевизиски канал.

Тој исто така истакна дека заразувањето со ковид-19 „се подмладило“, па повеќето од пациентите се на возраст од 14 до 29 години.

Според најновите статистички податоци, заразени со ковид-19 се околу 191 милиони луѓе, а пријавени се повеќе од 4 милиони смртни случаи.

Во Русија до денес, се потврдени 6.006.536 случаи на заразени со 5.382.213 пациенти кои закрепнале од болеста. Најновите податоци покажуваат 149.922 смртни случаи на национално ниво.