Делегацијата на Европската унија во Македонија ја поздрави испораката на 24.000 дози на вакцини „Астра зенека“ во Македонија. Од таму велат дека ова е прва во низата испораки на вакцини преку механизмот Ковакс за кои Македонија како самофинансирачка земја, платила во целост.

– Европската унија е еден од субјектите кои најмногу имаат придонесено во оваа глобална иницијатива и сме среќни да го видиме тоа на дело преку доставување на ефективни и безбедни вакцини. ЕУ и нејзините земји-членки, дејствувајќи заедно како „Тимот Европа“ придонесе со над 2,2 милијарди евра за „Ковакс“, вклучително и 1 милијарда евра од буџетот на ЕУ. Тимот Европа му понуди на Ковакс механизмот непосредна финансиска поддршка и моќ за преговори со фармацевтски компании. Оваа непосредна достапност на финансиите е клучна за да се осигура дека вакцините можат да бидат доставени до земјите-членки на Ковакс што е можно побрзо – се наведува во соопштението.

Од Делегацијата на Европската унија велат дека ЕУ демонстрирала солидарност со Македонија и нејзините граѓани уште од самиот почеток на пандемијата.

– ЕУ мобилизираше повеќе од 220 милиони евра за покривање на набавка на медицински материјали и опрема, поддршка за ранливите групи, деловните субјекти и невработените, како и макро-финансиска помош. Неодамна, ЕУ стави на располагање 70 милиони евра за набавка на вакцини и соодветна опрема за целиот регион на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Ова е дополнение на понудата преку Економскиот и инвестициски план наменет да го поддржи долгорочното закрепнување на економиите на Западен Балкан во вредност до девет милијарди евра – се наведува во соопштението.