Само неколку дена по отворањето на рестораните и кафулињата во Германија, најмалку девет лица во Долна Саксонија се заразиле со коронавирусот, по се изгледа, во еден од угостителските објекти, пренесува „Веб 24 њуз“.

– Инфекцијата најверојатно е поврзана со посета на ресторан – соопштија од округот Лер, каде се наоѓа ресторанот. Инфициран е и сопственикот на ресторанот, кој готвел, а потоа им се придружил на гостите.

Портпаролот на округот потврди дека гостите биле многу блиски, а сведоци посочиле дека се ракувале едни со други и не го почитувале пропишаното растојание.

Властите во Долна Саксонија по ова наредија домашен карантин за најмалку 50 лица за да се избегне ново ширење на коронавирусот.

Здравствените службеници во Лер сметаат дека ова не е изолиран случај со само неколку контакти.

– Се работи за нова појава на инфекцијата со неколку заразени лица и многу контакти истовремено. Овој случај јасно ни покажува дека ситуацијата со короната не е завршена, вирусот може да се прошири било каде – велат од округот Лер.

Инаку, во Лер немало нови случаи на инфекција повеќе од една недела. Во овој последен случај, сè уште не е јасно кој не се придржувал кон мерките за хигиена – гостите или персоналот.