Повеќе од две третини од вакцините дистрибуирани во САД сè уште не се користени, соопштија медицинските власти.

Гувернерите на државите Њујорк и Флорида објавија дека болниците кои не брзаат во процесот на вакцинирање ќе бидат казнети.

Во Њујорк, болниците се должни да ги аплицираат сите вакцини што ги примаат во рок од една недела, во спротивно ќе мора да плаќаат казни, а следните испораки на вакцини ќе бидат намалени, изјави гувернерот Ендру Куомо, пренесува „Ројтерс“.

– Не сакам вакцини во фрижидери, сакам луѓето да ги примаат – предупреди гувернерот на Њујорк.

Гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, објави дека болниците кои побрзо вршат вакцинација ќе имаат на располагање поголеми количини вакцини.

Од почетокот на пандемијата во Соединетите Држави, потврдени се повеќе од 20 милиони случаи на Ковид-19 и над 350 илјади смртни случаи, со просечна дневна стапка на смртност од над 2.600.