Самопрогласената „пророчица“ и евангелистичка свештеничка од Џексонвил, Кет Кер, вели дека одбила да се вакцинира против ковид-19 бидејќи поранешниот американски претседател Доналд Трамп веќе не е во Белата куќа, објави „Њузвик“. Токму овој пример заедно со последната анкета поврзана со довербата во вакцините на американските државјани, покажуваат дека ниту Трамп не успева да ги убеди скептиците меѓу неговите поддржувачи да се вакцинираат против ковид-19.

–  Јас можеби ќе имав доверба во вакцината кога Трамп седеше таму каде што сега е озлогласениот измамник. Но бидејќи не е, јас немам доверба во неа, ниту во вас – кажа Кар при гостување во радиоемисија, откако накратко ги спомена и теориите на заговор поврзани со вакцините.

Кар, која е авторка на две книги, веќе привлече внимание со мислењата за религијата кои за многумина се претерани, како она дека се игра американски фудбал во рајот. Во јануари таа тврдеше оти бог и кажал дека Трамп уште е претседател, иако тој ги загуби изборите.

Кет Кер

И други свештени лица во САД исто така изнесуваа неосновани тврдења поврзани со вакцините против ковид-19, но здравствените власти истакнуваат дека засега мал број на американски државјани одбиле да се вакцинираат поради религиозни причини.

Ниту Трамп не успеал да ги разубеди скептиците во вакцините меѓу републиканците, и покрај тоа што ги уверуваше неговите поддржувачи дека вакцината против ковид-19 е безбедна и делува, како што покажуваат резултатите од ново истражување спроведено од 18 до 21 март. Претходно беше соопштено дека Трамп и неговата сопруга Меланија се вакцинирале во Белата куќа во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден.

Во анкетата на „Морнинг консалт“ се наведува дека 58 отсто од републиканците кажале оти ќе се вакцинираат по интервенција на Трамп. Поддржувачите на Републиканската партија истот така повеќе зазираат од примањето на вакцината против-ковид 19, во однос на симпатизерите на Демократската партија и на неопределените. Повеќе од 80 отсто од демократите кажале дека би примиле вакцина.

Друга анкета, спроведена од „Југов“ покажала дека четвртина од возрасните жители на САД уште велат дека не би примиле вакцина против ковид-19 (повеќе од една третина од нив се републиканци, наспроти деветте отсто од гласачите на Демократската партија), додека 17 отсто од испитаниците се несигурни.

Досега 46,4 милиони Американци биле потполно имунизирани против ковид-19, а една четвртина од населението примило барем една доза од вакцината, според податоците на Центрите за контрола и заштита од заразни болести.