Данска, Исланд и Холандија објавија дека воведуваат нови ограничувања со цел да се запре растот на бројот на заболени од коронавирус, кој достигна рекордни нивоа во последните неколку дена.

Данска ќе ги ограничи јавните собири од 100 на 50 лица, а рестораните и кафулињата ќе бидат затворени во 22 часот, рече премиерот Мете Фредериксен.

Двете мерки стапуваат на сила утре и ќе траат до 4 октомври.

Во последните 24 часа откриени се 454 новоинфицирани лица во оваа земја, нешто помалку од дневниот рекорд во април, кога беа регистрирани 473 заболени.

Исланд ќе затвора игралишта и кафулиња во и околу главниот град Рејкјавик четири дена, од 18 до 21 септември, објави владата.

Холандските здравствени власти во последните 24 часа потврдија нови 1972 случаи, рекорд што се урива четврти ден по ред.

Владата на премиерот Марк Руте се очекува вечерва да објави регионални мерки, како што е забрана за големи собири и предвремено затворање на кафулиња и ресторани.