Владите во светот сè повеќе ја разгледуваат потенцијалната улога на ковид-пасошите, кои би им биле дадени на вакцинираните против коронавирусот, кога зборуваат за повторно отворање на своите економии на начин на кој може да ги идентификуваат луѓето што се заштитени, пишува „Ројтерс“.

Но, оние што развиваат такви технологии предупредуваат дека алатки како електронскиот пасош исто така имаат последици, како што се исклучување цели групи луѓе од социјални настани и повикување на законодавците сериозно да размислат како да ги користат плодовите од работата на програмерите и инженерите во развој.

Индустријата за туризам и забава е особено заинтересирана за ковид-пасошите.

„Треба да се обидеме да се вратиме во нормала“, вели Саша Лорд, коосновач на музичкиот фестивал „Парклајф“. Тој посочува дека концертите или настаните на кои мора да се спроведат мерки за физички простор, едноставно не се финансиски исплатливи.

– Фестивал не е фестивал, ако не стоиш рамо до рамо со твоите пријатели – вели Лорд.

Тој сепак смета дека пасошите за вакцинираните треба да бидат избор, а не принуда, и дека оние што ги одбиваат треба да може да направат брз тест на коронавирус на влезот, кога присуствуваат на социјални настани како што се концерти.

Меѓу оние што развиваат ковид-пасоши, се и биометриската компанија „Ајпрув“ и компанијата за сајбер-безбедност „Мвине“, а тие компании добија и финансиска помош од британската влада.

Основачот и извршен директор на „Ајпрув“, Ендру Бад, смета дека ваквите пропусници или пасоши треба да содржат само две информации – фотографија на лицето и потврда дека тоа лице е вакцинирано.

– Сè што треба да направите е да го поврзете лицето со статусот на вакцинација, идентитетот на лицето не мора да се знае – рече Бад.

Во САД, додава тој, веќе има такви пропусници издадени од приватно здравствено осигурување за посетители на спортски или други настани.

Тој, сепак, предупредува дека може да има дискриминација, привилегии за одредени групи и исклучување млади луѓе, кои се последни во редот за вакцинирање. Тој се надева дека британската влада ќе го земе предвид сето ова и дека внимателно ќе размисли за сите последици од идната одлука.