Десетици милиони жители кои живеат во близина на епицентарот на пандемијата од вирусот ковид-19 во Кина, од утре ќе можат да продолжат со патувањето, откако властите најавија укинување на мерките во провинцијата Хубеи, освен во градот Вухан. Овој потег доаѓа по тврдењето на властите дека ширењето на заразата е ставено под контрола и дека немаат нови локални случаи на пренесување на вирусот, пренесува „Гардијан“.

Според статистиките на властите во Кина, тие го победиле вирусот ковид-19. Во последните неколку дена, пријавен е само еден случај на пренесување на ковид-19 од патник кој дошол во земјата од странство. Во Вухан, властите тврдат дека веќе пет дена немаат новозаразени од вирусот, а рестрикциите полека се намалуваат. Градовите ги следат наредбите на властите за целосно враќање на производството и продолжување на секојдневниот живот. 

Но, голем број експерти и граѓани се сомневаат во ваквите тврдења на кинеските власти. Да, состојбата во земјата е подобрена, масовното тестирање, карантинот и социјалното дистанцирање помогнаа во сузбивање на вирусот, но тие се сомневаат дека властите ставаат приоритет на производството и економијата наместо на здравјето на граѓаните.

– Мислам дека има многу лица кои немаат симптоми од вирусот. Откако ќе се вратат на работните позиции, вирусот повторно може да се прошири. Епидемијата не може да исчезне толку брзо – вели еден работник од Вухан. 

Некои извештаи тврдат дека бројот на заразени лица е во голема мера манипулиран од властите, а некои болници, наводно, одбиваат да ги тестираат оние кои имаат симптоми на вирусот. Властите, исто така, не ги вклучиле оние лица кои не покажуваат симптоми во завршните извештаи на заразените. 

– Многу мал број од оние кои имаат симптоми всушност се позитивни на коронавирусот. Повеќето од тие случаи оздравуваат и затоа не се во завршните извештаи – велат од Здравствената комисија во Вухан. 

Според документи објавени во „Саут Чајна Морнинг Пост“, наводно, 43.000 лица биле позитивни на ковид-19 при крајот на февруари, а немале никакви симптоми. 

– Со прикривање на бројките од страна на властите, не можеме да веруваме во објавените извештаи без да бидат споделени со веродостојни  докази – вели Хо-фан Хунг, професор по политичка економија на универзитетот „Џон Хопкинс“. 

Други експерти тврдат дека станува збор за „балансирачки акт“ на властите. Тие ја нагласуваат потребата за враќање на работниците и продолжување на производството, а истовремено прават сѐ што е во нивна моќ за да ги најдат заразените случаи. Постои голем ризик во ваквата практика, но делува дека владата на Си Џинпинг е подготвена за негово превземање.

Скептиците, исто така, потврдуваат дека продолжувањето на мерките би го отежнало секојдневниот живот на граѓаните. Многумина изгубиле повеќемесечни приходи, а други пак, се уморни од изолацијата и прекинувањето на нивниот секојдневен живот. 

– Зошто да се мачиме со податоците, карантинот на Вухан е самиот по себе долг и ирационален. Луѓето треба да живеат! – напиша еден Кинез на Интернет. 

Зaпчаниците на производството повторно вртат и не постои начин да бидат сопрени. Сѐ што можат граѓаните да сторат е да се обидат и да се заштитуваат додека работат, заклучуваат експертите.