Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска изјави дека светот не успеал да соработува во борбата против пандемијата на ковид-19.

Како што рече, коронавирусот во моментот е закана број еден во светот.

Пред Генералното собрание на ОН, Гутереш неуспехот на меѓународната заедница го препиша на недостатокот од глобална подготвеност, соработка и солидарност, пренесува „Асошиетед прес“.

Генералниот секретар на ОН посочи дека повеќе од 30 милиони луѓе досега се заразиле од коронавирус во светот и дека речиси милион пациенти им подлегнале на последиците од болеста. Воедно, предупреди дека вирусот сè уште не е ставен под контрола.

– Додека земјите одат во разни насоки, вирусот се шири во сите правци – рече тој.

Гутереш повика на соработка меѓу народите, глобалните и регионалните организации, меѓународните финансиски институции, синдикатите и другите актери.

– Немаме друг избор, или ќе се обединиме во рамките на глобалните институции или ќе пропаднеме во хаос и поделби – предупреди тој.