Две од најголемите компании во Силиконската долина им наложија на вработените да примат вакцини против ковид-19 пред да се вратат во работните простории, пренесува „Вараети“.

Сите вработени во интернет-гигантите „Гугл“ и „Фејсбук“ добија известување дека мора да се вакцинираат против коронавирус.

„Гугл“ бара вработените да бидат вакцинирани пред да се појават во канцелариите на компанијата во САД во следните неколку недели, а во други земји во наредните месеци, според допис од извршниот директор на „Алфабет“ и „Гугл“, Синдар Пичаи.

– Вакцинирањето е еден од најважните начини да го зачуваме нашето здравје и здравјето на тие околу нас во наредните месеци – напиша Пичаи во е-поштата до вработените во компанијата.

„Фејсбук“, исто така, соопшти дека им наложува вакцинација на сите што доаѓаат во неговите објекти.

– Како што ќе се отвораат нашите канцеларии, ние ќе бараме секој што доаѓа да работи во кој било од нашите простории во САД да биде вакциниран – соопшти Лори Голер, потпретседателка на „Фејсбук“.

Компанијата ќе ја спроведува политиката врз база на „локални услови и прописи“, додаде таа, и ќе има постапка за луѓе кои не можат да се вакцинираат од медицински или други причини.

„Вараети“ потсетува дека многу други компании и општински власти бараат вработените да се вакцинираат (или да вршат редовно тестирање за ковид-19) пред да им биде дозволено да дојдат на работа.