Главоболки, болки во грлото и течење на носот се едни од најчесто пријавените симптоми на индискиот вид на коронавирус во Велика Британија, пишуваат британските медиуми.

Според истражувањето на професорот Тим ​​Спектор, симптомите од т.н индиски сој на коронавирус се разликуваат од оние предизвикани од претходните варијанти на ковид-19, а сè повеќе пациенти тврдат дека не го изгубиле чувството за мирис и вкус и немале треска, но чувствувале симптоми на силна настинка како течење на носот, болки во грлото и главоболки.

Податоците биле собрани врз основа на истражување на примерок од илјадници испитаници кои ги пријавиле своите симптоми преку апликација.

– Немаме добри вести, гледаме експоненцијално зголемување на бројот на пациенти, особено во северо-западот на Англија и Шкотска. Повеќето од нив се млади луѓе на возраст од 20 до 29 години и малку постари од 40 до 49 години. Популацијата не е вакцинирана или е вакцинирана само еднаш, со што, се разбира, не се постигнува соодветен имунитет. Смртноста е малку пониска отколку кај британскиот вид, но треба да сме загрижени за т.н долга фаза од ковид-19, така што Велика Британија дефинитивно има проблем  – рече професорот.

Токму овие неспецифични симптоми пациентите не ги припишуваат на ковид-19 вирусот и продолжуваат со вообичаените животни и социјални навики, одат на работа и се забавуваат, мислејќи дека тоа е само сезонска настинка.

Професорот апелира на потребата од добивање втора доза на вакцина и останување дома кога ќе се забележат првите симптоми во однос на главоболка, воспаление на грлото и течење на носот.

90% од сегашните случаи во Велика Британија, наводно, се поврзани со делта варијантата на вирусот, или индискиот сој на коронавирус пренесуваат медиумите.