Вакцината „спутник“ исто така може добро да ги заштити животните од коронавирусот, изјави директорот на Државниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, Александар Гинзбург.

Тој истакна дека сè уште има приоритети во однос на вакцинацијата.

– Убеден сум дека „спутник“ добро ќе ги заштити животните, но прво мора да ги вакцинираме луѓето – рече Гинзбург.

Тој забележа дека е потребно да се вакцинираат животните не само за да се заштитат туку и да се запре циркулацијата на вирусот помеѓу нив и луѓето.

– „Спутник В“ беше тестиран на животни во центарот „Гамалеја“ и врз нив беа извршени сите претклинички тестови, па со сигурност можеме да кажеме дека дејствува. Вакцината направена специјално за животни е многу поевтина од вакцината за луѓе – нагласи Гинзбург.

Вакцината „спутник В“ е регистрирана во речиси 60 земји со вкупно население од приближно три милијарди луѓе. Ефикасноста на препаратот е 91,6 процент, што беше потврдено во списанието „Лансет“, едно од најстарите и најценети медицински списанија во светот.