Невладини организации ја повикуваат Германија да го ограничи влијанието на лоби-групите за време на нејзиното шестмесечно претседателство со Европскиот совет

Големите лоби-групи имаат силно влијание врз германската влада и постои загриженост дека тоа може да се одрази врз нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, кое почнува на 1 јули. За тој проблем се предупредува и во една студија спроведена од невладините организации Лоби-контрола и Опсерваторија на корпоративна Европа.
Студијата спроведена од двете невладини организации го истакнува влијанието на лобистите врз работата на германската влада. Таа се заснова на серија студии на случаи кои се движат од законодавство за финансиските пазари до риболовот, хемиските и фармацевтските индустрии и други сфери.
Наспроти доминантната пандемија на коронавирусот, Берлин објави голем број суштински приоритети на ЕУ. Но студијата повикува на претпазливост, особено во време кога многу работи се прават под превезот на короната.

Нина Кацемич, активистка за ЕУ во Лоби-контрола и координаторка на студијата, смета дека индустријата за гас, на пример, ќе има многу да каже на темата водород.
Во цела Европа, гасните компании сега се залагаат за проширување на водородната инфраструктура, бидејќи природниот гас исто така ќе има корист од тоа, барем на среден рок. Поточно, вели Кацемич, политиката за справување со климатските промени е добар пример за тоа како во моментот се приспособува работата на лоби-групите. Таа додава дека ниту една компанија не може да си дозволи да ги негира климатските промени денес.
– Сепак, од друга страна, тие ги заобиколуваат правилата. Тие ја истакнуваат важноста на заштитата на животната средина, но потоа се фокусираат на сомнителни технологии како што се фаќање и складирање на јаглерод диоксид. Значи, лобирањето ја презема реториката за животната средина – рече таа.

Според активистите, гигантите за нафта и за гас потрошиле 250 милиони евра за лобирање во ЕУ од 2014 година. Автомобилската индустрија, која е особено чувствителна тема во Германија, ќе се дискутира и под германското претседателство.
Ова е така зашто Европскиот зелен договор треба да ги зголеми ограничувањата за јаглерод диоксид за патничките автомобили наредната година. Во последните преговори за ова прашање, што се одржаа во 2018 година, Германија зборуваше во прилог на пониска вредност од повеќето други земји, но тоа не беше усвоено на крајот.
По пандемијата на коронавирусот, германскиот министер за економија, Питер Алтмаер, ѝ пиша на германската претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, при што бараше да нема ревизија на границите, бидејќи на автомобилската индустрија ѝ беше потребно безбедно планирање.

Иако Кацемич смета дека лобирањето само по себе не е лошо, таа вели дека за многу прашања може да се види огромен број лобисти кои влијаат на владата и кои не се рамномерно распоредени. Според неа, ако има очигледен судир на интереси, состаноците на политичарите и лобистите мора да бидат „ограничени на минимум“.
Германското претседателство со Советот на ЕУ е исто така и шанса да се расчисти со старите практики, се вели во студијата. Авторите ја повикуваат Германија да го следи примерот на Финска и да ги објави сите состаноци на своите министри за европски политики за време на нејзиното претседателство.
Неколку месеци, германските претставници во Брисел ги објавуваат своите состаноци со лобистите. Исто така, постои регистар за транспарентност на комесарите на ЕУ и за известувачите во парламентот, но телата на Советот на ЕУ не подлежат на него.
– Особено кога станува збор за работата на Советот на ЕУ, има многу состаноци за кои пошироката јавност не знае како се позиционираат нивните држави – вели Кацемич.
Според бившиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, веќе е планиран регистар за транспарентност на Советот на ЕУ. Сепак, во април 2019 година, преговарачите на Европскиот парламент ја прогласија иницијативата за мртва.

Неодамна, речиси сто европратеници во писмо ја повикаа германската канцеларка Ангела Меркел „да воспостави нови правила и нова култура за да спречи прекумерно влијание на компаниите“. Во меѓувреме, по повеќегодишни блокади, во Германија сега треба да се воведе регистар на транспарентност за Бундестагот. Долго време, конзервативната коалиција на Меркел го отфрлаше регистарот. Договор беше постигнат по скандал со млад пратеник на конзервативците, чие долгогодишно лобирање во корист на американска компанија предизвика лавина критики. Засега не постои задолжителен регистар за лобисти за политичарите во Германија, туку само список на асоцијации кои се поканети на сослушувања во Бундестагот. Планираниот регистар, како и во Брисел, не треба да се однесува на членовите на владата или на министерствата.