Некои плажи на германскиот брег на Балтичко Море биле преполни во текот на викендот. Местата на море бележат наплив на туристи кои решиле да летуваат во татковината. Канцеларката Ангела Меркел е загрижена.

Омилена дестинација за одмор на Германците е Медитеранот – Италија, Хрватска, Шпанија, Турција. Но, оваа година многу планови пропаднаа, па мораше да се бараат алтернативи, а најмалку вознемирување ветуваше одморот во сопствената земја, пишува „Дојче веле“.
За време на викендот, убавото време привлече толку многу туристи на плажите на Балтичкото Море, што некои објавија дека нивните плажи се исполнети до последно место. Бројот на посетители е ограничен поради правилата на социјална дистанца.

– Гостите кои доаѓаат ги упатуваме само да поминат низ нашето место – напиша Бетина Шефер, градоначалник на Шарбеут, град на петнаесетина километри северно од Лубек.

За време на викендот, плажите и паркинзите се полни, а само локалното население и туристите со резервации во хотели и станови можат да влезат во местото. Овој сончев викенд се совпадна со почетокот на летните училишни одмори во шест германски покраини.

Дури и кога има места на плажите на Балтичкото и Северното Море, некои туристи воопшто не можат да дојдат. Голем број провинции издадоа уредби според кои граѓаните од регионите, особено погодени од короната, можат да престојуваат во хотелите само доколку имаат свеж негативен тест за вирусот.

Во последните неколку дена, повеќе од 600.000 луѓе од Гитерлох и Варендорф, две општини во западна Германија, се погодени откако избувна избувна корона во најголемата кланица во Европа. Вратени се строги мерки во обете области, а фабриката за месо „Тонис“ се најде под остри критики за очајните услови во кои живеат и работат претежно новодојденци од Балканот.

Опасноста не е ни приближно помината, предупреди канцеларката Ангела Меркел.

– Сфатете го ова сериозно затоа што е сериозно – е нејзината порака до граѓаните.