Челниците на германските покраини ги повикаа европските власти да го забрзаат тестирањето на руската вакцина „спутник В“ и да ја предвидат нејзината употреба низ ЕУ откако ќе биде одобрена.

– Важно е да се забрза процесот на одобрување, особено на ‘спутник’ – рече баварскиот премиер Маркус Содер по разговорите меѓу шеснаесетте германски покраински лидери и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Европската агенција за лекови (ЕМА) започна со тестирање на „спутник В“ на почетокот на март заради нејзино одобрување, а некои европски земји веќе започнаа со дистрибуција.

Баварскиот премиер денеска рече дека одобрувањето на вакцината е само прашање на време и дека е важно ЕУ да се организира со цел да се гарантира нејзиното производство и снабдување.

– Европа мора брзо да преговара и да не чека одобрување. Ова е итен повик да не се пропушти шансата – кажа Содер.

– Ако производството на ‘спутник’ се покаже тешко, можеме да понудиме да ја произведеме тука во Германија – додаде тој.

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) во понеделникот соопшти дека потпишал договори за производство на вакцината со компании од Италија, Шпанија, Франција и Германија додека се чека официјално одобрување во Европската унија. Овие земји не ги потврдија информациите за потпишувањето на вакви договори.