Германија воведе стриктни нови мерки во некои делови поради пандемијата на коронавирусот откако стана една од најтешко погодените земји со новата болест во Европа. Ситуацијата стана многу ризична за населението и економијата, пишува Berlinspectator.com.

По видеоконференцијата со другите шефови на влади на ЕУ и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека сите се согласиле за потребата од забрана за влез во ЕУ, а Германија веднаш ќе ја воведе оваа забрана штом ќе биде целосно одобрена.

Бројот на пациенти со коронавирус во Германија се очекува да достигне и да надмине 10.000, што доведе до воведување на неколку мерки.

Така, на туристите веќе им е забрането да влезат во државата Шлезвиг-Холштајн. Оние кои веќе се таму на годишен одмор, мора да ја напуштат земјата денес. Веќе не се дозволени ни туристички излети.

Германската влада се согласи да затворат сè, од продавници кои не се неопходни до кафулиња, клубови, театри, музеи, бордели и цркви за да го забават ширењето на коронавирусот.

Продавниците за храна, пазарите, банките, аптеките и услугите за испорака ќе останат отворени, додека рестораните и другите објекти за јадење ќе бидат отворени во периодот од 6:00 часот до 18:00 часот.

Берлин најави формирање болница исклучиво за пациенти кои страдаат од респираторни заболувања предизвикани од коронарен вирус. Клиниката ќе биде формирана во соработка со германските вооружени сили и други партнери, на саеми во Берлин.

Според плановите, оваа болница ќе има 1.000 кревети за пациенти, вклучувајќи и лица кои ќе бидат поврзани со респиратори, за да можат да преживеат.

Дискусии за употреба на хотели и други објекти како болници се водат во сите делови на Германија. Германската влада и експертите очекуваат бројот на пациенти со сериозни симптоми значително да се зголеми во наредните недели и месеци.