Претседателот на францускиот парламент и неговиот германски колега побараа што поскоро отворање на границите меѓу европските земји, откако тие беа затворени поради пандемијата на коронавирус.

– Франција и Германија мора да работат на итно обновување на слободното движење во Шенген зоната веднаш штом ќе се исполнат условите – наведуваат Ричард Феранд и Волфганг Шобле во заедничката изјава, објавена од „Франс прес“.

– Затворањето на француско-германските граници веќе предизвика сериозни последици и е особено важно за перцепцијата на германско-француските односи – наведоа Феранд, член на центристичката партија ЛРЕМ на францускиот претседател Емануел Макрон и Шобле, еден од столбовите на Христијанско демократската унија – ЦДУ, на канцеларката Ангела Меркел, залагајќи се за што побрза акција.

Текстот на заедничката изјава е објавен два дена пред состанокот на франко-германското парламентарно собрание, нов форум на двата парламента формиран за зајакнување на односите меѓу двете земји, кој ќе биде посветен на лекциите што Европа може да ги научи од пандемијата ковид-19.

До денес, повторното отворање на границите во Европа е планирано од средината на јуни, но досега имало неред во различни европски земји, и покрај повиците на Европската комисија за повеќе меѓусебни консултации.

Претседателите на двата национални парламента, исто така, во заедничката изјава ја поздравија и ја дадоа својата поддршка на последниот предлог на францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Меркел, за обновување на економиите со помош на 500 милијарди евра, средства финансирани од долг договорен во рамките на Европската унија.

– Франција и Германија преземаат заедничка одговорност за Европската унија со предлогот, кој се обидува да ја зајакне Европа по кризата со коронавирусот – истакнуваат претседателите на францускиот и германскиот парламент.