Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон разговарале со рускиот лидер Владимир Путин преку видеоконференција, а една од главните теми била можноста за производство на вакцината „спутник В“ во Европската Унија, откако официјален Берлин реши да престане да користи од вакцините на „Астразенека“ за лица постари од 60 години, пишуваат светските агенции.

Според написите, и двете најмоќни европски земји, Германија и Франција, изразиле подготвеност да ги купат правата за производство на вакцината „спутник В“ од Русија, прва вакцина развиена од Руската Федерација и на почетокот сериозно критикувана од Европската Унија.

Медиумите пренесуваат дека Меркел истакнaла дека недовербата кон „Астразенека“ преовладува во нејзината земја.

Од друга страна странските медиуми анализираат дека британските власти продолжуваат да тврдат дека односот на земјите членки на Унијата кон таа вакцина е исклучиво одреден од моментално напнатите односи меѓу Лондон и Брисел.

Соработниците на Меркел и Макрон објасниле дека лидерите на Германија и Франција се слушнале со Путин токму од таа причина, но и од фактот дека Европската Унија има многу комплицирани односи со „Астра зенека“, бидејќи фармацевтската компанија признала дека нема да може да го почитува договорот со Брисел за набавка на вакцини.

Инаку, Европската агенција за лекови ја започна анализата на „спутник В“ на почетокот на март, а досега повеќе од 55 земји во светот активно ја користат таа вакцина.

Покрај вакцините, тројцата лидери разговарале и за други глобални горливи прашања за време на видео конференцијата, како што се нуклеарниот спор со Иран и конфликтите во источна Украина, Либија и Сирија.