Поради големиот пораст на бројот на новозаболени, Германија од денеска воведува драстични мерки за да се спречи ширењето на епидемијата. Мерките ќе бидат на сила до крајот на ноември, а таа одлука, која прилично го ограничува секојдневието, предизвика бурна реакција од граѓаните.

Канцеларката Ангела Меркел нагласи дека Владата е свесна дека бара многу од народот, но дека мора да дејствува веднаш.

– Нашиот здравствен систем денес може да се справи со овој предизвик. Но, ако продолжи со ова темпо, ќе ја достигнеме границата за неколку недели. Затоа се неопходни овие остри мерки – рече Меркел.

Целта е да се намали бројот на нови инфекции до Божиќ, и притоа економијата да функционира, а училиштата и градинките остануваат отворени. Новите мерки за карантин, што стапуваат на сила во Германија ќе ја чинат економијата на државата околу 19,3 милијарди евра, објави весникот „Велт ам Зонтаг“, повикувајќи се на пресметки на берлинскиот Институт за економски истражувања (ДИВ).

Според предвидувањата на ДИВ, угостителите може да загубат најмногу во текот на едномесечното затворање – околу 5,8 милијарди евра. Индустријата за забава, спортските и културните институции ќе изгубат 2,1 милијарди евра, трговијата – 1,3, а индустријата 5,2 милијарди евра.