Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека германските власти се согласиле на четиринеделен делумен карантин.

Во овој временски период затворени ќе бидат рестораните, баровите, кината, театрите и други слични објекти, во обид да се запре ненадејното зголемување на заразата со коронавирус.

Одлуката треба да стапи на сила в понеделник и ќе трае до крајот на ноември, пренесува АП.

Продавниците и училиштата ќе останат отворени, за разлика од затворањето на Германија за време на првата фаза од пандемијата во март и април.

– Мора да дејствуваме сега, за да избегнеме акутна национална здравствена криза – рече Меркел.

Канцеларката апелираше до луѓето да не одат на патувања што не се потребни и рече дека хотелите нема да можат да примаат туристи.

Меркел вети дека компаниите погодени од новиот делумен карантин ќе добијат економска поддршка, велејќи дека помалите компании ќе добијат 75% од своите приходи како поддршка, пренесува „Ројтерс“.

„Ние ќе ги обештетиме погодените компании, институциите и клубовите“, рече германската канцеларка.

Највисок дневен биланс на новозаразени

Според последните информации, во последните 24 часа во Германија се потврдени нови 14.964 случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата, објави Институтот „Роберт Кох“.

Претходниот рекорд беше поставен во саботата, кога беа евидентирани 14.714 нови случаи на заразени, и оттогаш се намалува дневниот број на нови случаи.

27 лица починаа од последниот пресек, пренесува „Ројтерс“.

Од почетокот на епидемијата, вкупно се заразени 464.239 лица, од кои 10.125 починале.