Антонио Папалардо го предводи движењето

Демонтстрантите облечени во портокалови елеци кои излегоа на улиците на Италија во текот на неделава имаат различни причини за незадоволство. Некои се гневни на премиерот Џузепе Конте и на неговата влада поради начинот на справуање со корона-кризата. Други се загрижени поради вакцините, во кои тврдат дека се наоѓа жива, или пак поради технологијата 5Г, пишува „Политико“. Нив ги обединува гневот како и лидерот Антонио Папалардо, поранешен полицаец, познат под прекарот „генералот“.

Папалардо на протестот одржан во Рим, во вторникот“, извикуваше „слобода“, ветувајќи дека ќе му ја даде моќта на народот. Тој ги критикуваше и „лажните вести“ и политичарите.

Од толпата, пак, се слушаа извици „не за вакцините на Бил Гејтс“ и „5Г не убива сите“. Собраните демонстранти се гушкаа додека „генералот“ инстистираше дека коронавирусот не постои. Папалардо ги критикуваше малкумината на протестот кои носеа маски, велејќи „не можам да погледнам жена во лице, без да знам дали е убава или грда“.

Учесничка на протестот на „портокаловите елеци“ во Рим

Седумдесет и тригодишниот Папалардо накратко беше пратеник во италијанскиот парламент во раните 90-ти години, за потоа да се кандидира во уште неколку изборни циклуси, пред да ги основа „портокаловите елеци“ минатата година. Настанувањето на движењето било инспирирано од средбата на Папалардо со поранешниот француски генерал Дидие Тозан, кој е поврзан со француските „жолти елеци“. Пандемијата и спојот од страв и фрустрација низ Италија, се чини дека го вратија Папалардо на политичката мапа.

„Портокаловите елеци“ имаат три главни цели. Соборување на владата на Конте, која ја обвинуваат за уништување на економијата преку затворање на Италијанците во нивните домови, како што велат, без причина. Втората цел е излез на Италија од ЕУ и отфрлање на еврото, а третата е ширењето на пораката дека ковид-19 се користи за злоупотреба на моќта од страна на власта. Згора, Папалардо тврди дека коронавирусот не е ништо повеќе од „лош грип“. Движењето досега се соочи со жестоки критики од страна на повеќето италијански партии поради нивните екстремни ставови. Папалардо пак, истакна дека не бара прифаќање од ниту една партија, туку само да му даде „глас на народот“.