Во кинескиот град Вухан, каде што избувна епидемијата на коронавирус на крајот од минатата година, официјално е забранета трговија со диви животни, што вклучува забрана за лов и јадење на тие видови на животни.

Според кинескиот весник „Глобал тајмс“, забраната се однесува на консумација на диви и водни диви животни кои се наоѓаат на списокот на заштитени животни, но и оние што биле одгледувани во заробеништво, пренесува „Би-би-си“.

Во јануари Кина привремено ја забрани трговијата со диви животни, а еден месец подоцна ја забрани и консумацијата на диви животни.

Сепак, се наведува дека, и покрај забраната, продажбата на диви животни на пазарите не е запрена целосно.

Се верува дека луѓето се заразиле со коронавирусот од диви животни.