Властите во кинескиот град Вухан најавија дека ќе го тестираат целото население за коронавирус, откако се појавија нови локални случаи на инфекција за првпат по повеќе од една година.

Градот со 11 милиони луѓе ќе започне сеопфатно тестирање на нуклеински киселини врз сите жители, рече високиот претставник на Вухан, Ли Тао.

Властите вчера објавија дека се регистрирани седум нови случаи на инфекција во локално пренесување меѓу работниците мигранти во градот, по повеќе од една година без домашни случаи откако епидемијата беше запрена со невиден карантин на почетокот на 2020 година.

Во последните денови, Кина ги затвори жителите на цели градови во своите домови, ги прекина внатрешните транспортни врски и воведе масовно тестирање додека се бори против најголемата епидемија на коронавирус во последните неколку месеци.

Денес, 61 нов случај на инфекција со коронавирус беше регистриран во Кина, додека делта-сојот брзо се шири во градовите по првичната инфекција меѓу чистачите на аеродромот во Нанџинг. Ова жариште предизвика ланец на инфекција што се прошири низ целата земја.

Милиони граѓани се тестирани во Пекинг, делови од градот се блокирани, а сите блиски контакти на заразените се во карантин.