Мал робот врши дезинфекција за време на проширувањето на ковид-19 во Хубеј

Експертите тврдат дека роботите можат и треба да имаат поголема улога во спречувањето на пандемиите. Според статија објавена во списанието „Сајнс роботикс“, роботите можат им да послужат на медицинските работници при прегледи, дијагностицирање и спречување на заразните болести, пренесува „Њузвик“. 

Роботите, објаснуваат експертите, можат да ја вршат опасната, но и здодевна работа, како и да го намалат изложувањето на медицинските лица на вирусите во борбата против пандемиите и заразните болести. 

Најновата пандемија на ковид-19 може да делува како катализатор за забрзување на развојот и употребата на роботските технологии ширум светот. 

– Роботите се одлични за работа во места непогодни за луѓето. Тие можат да дезинфицираат јавни површини, да вршат испорака на храна и лекови, без притоа да ја шират болеста. Докторите можат да прават прегледи на пациентите без да бидат во директен контакт и во непосредна близина. Со нивна помош, пандемиите би се спречиле, а во најмала рака би се ширеле побавно – вели Брадли Нелсон, еден од авторите на статијата, професор на универзитетот по наука, технологија и инженерство во Цирих, Швајцарија.

За време на појавата на ебола во 2015 година, било потврдено дека роботите можат да направат клучна разика во три широки области, клиничката нега (преку телемедицина и деконтаминација), логистиката (испорака и ракување со контаминиран отпад) и извидувањето (следење и усогласување на мерките за карантин). 

– Доколку пандемијата продолжи толку долго како што експертите предвидуваат, постои можност да се покаже што може да постигне роботиката во справување со ситуацијата – вели Нелсон. 

Кога станува збор за превенција, роботите обезбедуваат економичен, брз и ефикасен начин на дезинфекција на контаминираните површини. Со тоа се намалува потребата од вклучување на персонал и потенцијално ширење на болеста. Во однос на дијагностицирање и скрининг, во неколку земји се поставени камери кои ја мерат телесната температура за време на ширењето на епидемија. Во некои кинески болници роботите мерат температура и вршат дезинфекција на пациентите. 

Со мрежното поврзување на камерите за скрининг со софтверите за препознавање на лица, постои можност за информирање на луѓето кои биле во контакт со заразениот, на тој начин, навремено спречувајќи потенцијално ширење на заразата. Меѓутоа, важно е и воведување на соодветни правила за заштита на приватноста, велат експертите. Беспилотни летала или копнени возила можат да транспортираат медицински примероци, како и испорака на лекови до заразените, сметаат тие. 

Голем проблем за време на пандемијата на ковид-19 за медицинскиот персонал е земањето брисови за тестирање. Роботите можат да помогнат за оваа задача намалувајќи го ризикот од пренесување на вирусот, истовремено овозможувајќи им на медицинските лица да вршат друга задача.

И покрај потенцијалот на роботите да се справат со предизвици при ширењето на заразните болести, авторите нагласуваат дека без одржлив развој и истражување, ќе биде постигнат мал напредок во оваа област. Така, историјата ќе се повтори, а роботите нема да бидат подготвени за предизвикот кога ќе избие некоја друга епидемија, заклучуваат тие.