За Кирил Дмитриев, кој е задолжен за продажба на руската вакцина против коронавирусот на светот, постои едноставна логика зад забрзаните напори на Русија да биде првата држава што ќе претстави вакцина против ковид-19 за широка употреба, пишува „Гардијан“.

– Тоа е дел од рускиот менталитет за спасување на светот – вели Димитриев, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), во разговор за британскиот весник.

Но, постојат и спротивставени мислења за овој потег. Бројни научници низ светот изразија сомневање откако рускиот претседател Владимир Путин на 11 август соопшти дека руската вакцина ги поминала „сите неопходни тестови“. Дмитриев ги отфрли критиките и обвинувањата како „концентриран напор за оцрнување на руската вакцина поради политички причини“.

Извесно е дека трката за вакцина стана уште еден фронт во ривалството помеѓу Русија и Западот.

– Тоа е како вселенската трка половина век подоцна. Ако приказната биде успешна и Русија стане првата држава што ќе создаде ефикасна вакцина, тоа секако ќе биде одлична прилика за позитивна промоција – вели Андреј Кортунов, првиот човек на Рускиот совет за меѓународни односи во Москва.

Но Русија, прво треба да докаже дека вакцината „спутник 5“ навистина е ефикасна. Научниците од институтот „Гамалеја“ ги објавија резулатите од првите две фази на тестирање во научното списание „Лансет“, а третата фаза е во тек и предвидено е во неа да учествуваат 40 илјади доброволци кои ќе бидат вакцинирани во наредните недели. 

– Вакцинирањето на високоризични групи во различни региони во Русија веќе е во тек и ќе достигнеме 10 милиони дози месечно во декември – истакна Дмитриев, проценувајќи дека мнозинството Руси ќе бидат вакцинирани за седум до девет месеци.

Дозите за Русите ќе бидат произведувани во државата, а Русија се надева да го лиценцира производството и во странство. Дмитриев смета дека капацитетот за производство ќе достигне 500 милиони дози годишно до следната година. Тој тврди дека Русија има нарачки од 1,2 милијарди дози вакцини од повеќе од 50 држави за наредната година.

Руските власти ги истакнуваат амбициозните бројки со голема самодовреба што го нагласува фактот дека ставија голем облок на успехот на вакцината, заклучува „Гардијан“.

Научниците од рускиот институт „Гамалеја“ веруваат дека имунитетот од руската вакцина би требал да трае две години, иако Дмитриев призна дека „времето ќе покаже“.

Моментот на вистина за руската вакцина ќе бидат резултатите од третата фаза на тестирањето.