Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ненадејно го смени ставот кон коронавирусот, кој потсмешливо го нарекуваше „мала настинка“ и сега се обидува да го оттргне имиџот на „ковид-негирач“, а сето тоа благодарение на враќањето на негов стар ривал на политичката сцена. Досега Болсонаро беше против здравствените мерки, против носењето заштитни маски и против набавката на вакцини, иако земјата достигна 270.000 смртни случаи, пренесува „Тајм“.

На прес-конференција одржана во Бразилија, Болсонаро за првпат после еден месец беше виден како носи заштитна маска, а исто така потпиша три закони за набавки на вакцини, додека неговата администрација соопшти дека веќе цела недела водат разговори со „Фајзер“ и „Џонсон и Џонсон“.

– Работевме на набавката уште од почетокот на пандемијата. Ние сме пример за светот – беа зборовите на Болсонаро, додека негова фотографија беше објавена заедно со пораката „вакцините се нашето оружје“, што предизвика голем број негативни и подбивни коментари.

Но, промените во ставот на Болсонаро не беше предизвикани од грижа за здравјето на народот, туку од враќањето на политичката сцена на поранешниот претседател Луис Инасио Лула да Силва, популарниот левичар кој беше исклучен од изборите во 2018 година поради обвиненија за корупција. Во неговата прва изјава по враќањето тој кажа „не следете ги идиотските одлуки на претседателот и неговите министри. Вакцинирајте се!“. Лула „ќе влезе во рингот“ на изборите против Болсонаро в година.

– Враќањето на Лула го сменија ставот на Болсонаро кога станува збор за вирусот. Со Болсонаро никогаш не можете да знаете што да очекувате, бидејќи тој е променлив на секој чекор. Но, неговиот ривал би можел да го принуди Болсонаро да дејствува како шеф на државата и да се справи со пандемијата, што секако ќе донесе позитивни последици во пандемијата – вели Густаво Рибеиро, основач на страницата за политички вести „Бразилиан репорт“.

Враќањето на Лула на политичката сцена предизвикува загриженост кај Болсонаро. Ден откако Лула го одржа говорот за справување со пандемијата, Болсонаро емитуваше видеопренос во живо на социјалните мрежи, однесувајќи се на досега незабележан начин. Тој беше сериозен, носеше маска, покажа почит кон жртвите на вирусот и престана да ги критикува вакцините. Сето тоа е благодарение на Лула.

Болсонаро вчера го избра и четвртиот министер за здравство, откако неговите претходници ги напуштија позициите поради несогласувања, како и јавни негодувања од здравствените експерти.

Марсело Квеирога, претседател на Бразилското здружение за кардиологија, ќе го замени Едуардо Пазуело, активен армиски генерал со експертиза во логистиката, кој ја презеде позицијата минатиот мај и покрај тоа што немаше претходно здравствено искуство. Квеирога ќе биде четвртиот министер за здравство во Бразил избран во рок од една година.

Пазуело се соочи со големи критики за бавното вакцинирање во Бразил, а вакцинирани се одвај 5,4 отсто од Бразилците. Речиси сите вакцини беа од кинеската биофармацевтска компанија „Синовак“, во која Болсонаро постојано се сомневаше.
Пазуело исто така ја одложуваше одлуката за набавка на вакцини од владата на Сао Паоло, сѐ додека не остана ниту една друга опција освен да започнат со имунизација на почетокот на јануари.