Во Шпанија починаа 510 лица од коронавирус, што е најмала бројка во последните 19 дена. Владата од понеделник планира да им дозволи на работниците во градежништвото и индустријата да се вратат на работа.

Вкупно во земјата се починати 16.352 лица, со што Шпанија има најголем број жртви по Италија и САД. Денеска се заразени нови 4.830 лица, со што бројот на заболени достигна 161.852. Тоа е за три отсто повеќе од претходниот ден.

Министерот за здравство Салвадор Ила ги потсети жителите дека земјата уште е во вонредна состојба која е продолжена до 26 април, иако премиерот Педро Санчез изјави во четвртокот дека најверојатно ќе побара од парламентот ново продолжување до 11 мај.Шпанија и во наредните две недели ќе ги држи затворени границите со Франција и Португалија.

Министерот Ила им препорача на жителите да користат маски за еднократна употреба кога одат на работа.

– Од понеделник, ќе ги споделуваме овие типови маски на различни места каде на луѓето им се препорачува да ги користат, како што е метрото – рече тој на конференцијата за медиуми.

Од 30 март, на жителите им е забрането да одат на работа, освен во основните занимања, како што се производство и дистрибуција на храна, електрична енергија и гас. Владата има намера да ја олесни мерката од понеделник, така што во некои занимања, како што се градежништвото и индустријата, работниците би ги продолжиле своите активности.

Кафулињата, рестораните, местата за забава и култура остануваат затворени. Околу 47 милиони луѓе се наоѓаат во своите домови од 14 март, и дозволено им е само да одат во продавници за храна, аптеки, болници, киосци, банки, бензински пумпи и да го шетаат кучето.