Во Шведска стапува во сила ограничувањето на јавните собири на најмногу осум лица како мерка во обид да се запре наглиот пораст на инфекциите со коронавирусот.

По протестот, беше дозволен исклучок за погреби, каде што може да се соберат најмногу 20 луѓе.

Претходната граница за јавни собири, како што се протести, претстави, концерти, беше 50 лица.

Иако ограничувањето не се однесува на приватни собири, владини претставници, вклучително и премиерот Стефан Лофвен, ја истакнаа потребата од воздржување од приватни забави, посети на спортски сали, библиотеки, трговски центри и, каде што е можно, да се избегне јавен превоз.

– Малото отворање што го имавме во текот на летото и есента заврши. Премногу луѓе ги игнорираат советите и препораките – рече премиерот Лофвен обраќајќи се до нацијата, што ретко се случува.

Тој додаде дека постојат некои знаци на промена кога патничкиот сообраќај се намали и повеќе луѓе останаа да работат од дома.

Земјата со 10,3 милиони жители регистрира околу 208.300 заразени и повеќе од 6.400 смртни случаи поврзани со коронавирусот.