Од денеска во САД е во сила наредбата на претседателот Џо Бајден, според која десетици милиони луѓе во компании со 100 или повеќе вработени мора да се вакцинираат против коронавирусот или да се тестираат на неделно ниво.

Службата за безбедност и здравје при работа соопшти дека компаниите што нема да го почитуваат новото правило се соочуваат со казна од речиси 14.000 долари од лице.

Наредбата се однесува на речиси 84 милиони работници во средни и големи компании, а сѐ уште не е познато колку вработени веќе се вакцинирани, пренесува АП.

За речиси 17 милиони вработени во старски домови, болници и други установи, кои добиваат пари од здравствениот фонд, ќе важат уште построги правила, според кои не се планира тестирање, туку сите ќе треба да се вакцинираат.

Вработените ќе може да бараат ослободување од обврската поради здравствени или верски причини.