Во Москва започнаа принудните неработни денови, кои, според претходната најава на градоначалникот Сергеј Собјанин, ќе траат речиси недела и половина за да се спречи ширењето на коронавирусот.

За време на неработните денови во градот ќе биде прекината работата на сите фирми и организации. Исклучок ќе бидат институциите кои обезбедуваат функционирање на инфраструктурата на главниот град, а од услужните дејности ќе бидат отворени само продавниците за основни производи и аптеките.

Нема да работат рестораните, кафулињата, салоните за убавина, спа и салоните за масажа, солариумите, бањите и сауните, спортските комплекси, фитнес-клубовите и базените.

Од 28 октомври до 7 ноември учениците нема да одат на училиште, ниту ќе работат градинките, но ќе се организираат дежурни групи за децата кои немаат со кого да останат дома.

Театрите и музеите ќе продолжат да примаат посетители и во неработните денови, но под услов да не бидат исполнети повеќе од 50 проценти од капацитетите.

Сепак, кината, концертните сали, местата за забава, библиотеките и циркусите ќе бидат затворени. Нема да има масовни културни, забавни, спортски, рекреативни и други активности.

Исклучок се настаните што се одржуваат со одлука на државните органи или во договор со московските институции.

Русија денеска објави 1.159 смртни случаи од Ковид-19 во последните 24 часа, што е најголем број досега. Регистрирани се 40.096 нови случаи на заразени, исто така најмногу од почетокот на епидемијата.