Во Милано е претставен болнички воз со осум вагони, кој е специјално направен и опремен за нега на пациенти во итни ситуации, пишува весникот „Ил Фато Котидијано“.

Возот може да се користи за транспорт на пациенти низ земјата, или од Италија во други земји, или пак, како независна, болничка поддршка.

Возот е опремен со оддел за реанимација, има два вагона со медицинско-технички помагала и апарати неопходни за функционирање на одделение за интензивна нега, еден вагон што е магацин за медицински материјал и оддел за персонал.

Како што пишува весникот, идејата потекнува од минатата година кога, во првиот бран на пандемијата,  дел од пациентите во италијанските болници мораа да бидат префрлени во други делови на Италија или во други европски земји бидејќи немаше кревет за секого.

Болничкиот воз е направен како алтернатива на воздушниот транспорт на пациенти во итни случаи. Возот е специјално дизајниран за оваа употреба и е прдмет на договор меѓу владата и италијанските железници.