Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, објави дека целта од 70 проценти вакцинирани од возрасните лица во Европската Унија е постигната и ги повика сите што имаат можност да се вакцинираат за заштита на сопственото здравје и за заштита на другите.

– Нашата цел во јули беше да заштитиме 70 проценти од возрасните во Европската Унија со најмалку една доза. Денес ја постигнавме таа цел и 57 проценти од возрасните се целосно вакцинирани – рече Фон дер Лејен.

Таа посочи дека треба да продолжат напорите и да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе.

– Делта-варијантата е многу опасна. Затоа ги повикувам сите кои имаат можност да се вакцинираат. Заради заштита на сопственото здравје и заштита на другите – рече Фон дер Лејен, истакнувајќи дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува доволно вакцини.