Амбициозниот европски план за закрепнување од кризата ги обедини Франција и Германија. Можеби нема да биде лесно да се убедат противниците

Автор: Лајонел Лорен

Блумберг

Планот за закрепнување од пандемијата на Европската Унија (ЕУ) ги содржи сите обележја на историски скок во непознатото за 27 членки на блокот. Целта е да станат достапни околу 750 милијарди евр на фискален стимул поткрепен од меѓусебно позајмување на финансиските пазари, што е голем предизвик за членките кои секогаш љубоморно ја чувале моќта на даноците и трошењето. Особено позитивен е фактот што планот беше претставен од страна на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, кој јасно се совпаѓа со предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел. Желбата на Париз за независност на континентот и грандиозност во надворешната политика не се совпаѓаше секогаш со фокусот на Берлин за урамнотежени буџети.

Сепак, за разлика од ерата на Шарл де Гол и Конрад Аденауер или Франсоа Митеран и Хелмут Кол, поголемото ширење и сложеност на Европа значи дека за такви важни чекори потребно е повеќе од само благословот на Франција и на Германија за да бидат прифатени секаде на континентот. Во позадина се води жестока кавга околу тоа што треба да се троши и на каков начин.

Во срцето на битката е таканаречената „штедлива четворка“ (Холандија, Шведска, Австрија и Данска) која презеде борбена улога слична на онаа на Велика Британија пред да ја напушти Унијата. Како најбогати приносители на буџетот на блокот, тие веќе се побунија против, според нив, неправедниот пораст на уделот кој од нив се очекува по брегзит. Преговорите од февруари, за буџетот за наредните седум години, не дадоа никаков резултат, иако траеја 28 часа.

Кризата од ковид-19 ги удвои напорите на штедливата четворка да биде против наводното расипништво, покрај тоа што ЕУ смета дека поголем буџет од 1,1 илјада милијарди евра (што уште изнесува околу еден отсто од бруто националниот приход), ќе даде стимул на алатките за справување со епидемијата и ќе обезбеди помош во форма на грантови наместо заеми кои ќе треба да се исплаќаат, поточно пакет вреден 2,4 илјади милијарди евра. Жестоките бранители на буџетот можеби немаат вешти дипломатски вештини како Германците, но не треба да се игнорираат, затоа што за планот е потребна едногласна поддршка во националните парламенти.

Нивниот контра-предлог допрва треба да се анализира, но нивното јавно залагање за заеми наместо грантови нема да биде борба на „сè или ништо“. Наметнувањето на заеми за силно задолжените држави како Италија најверојатно дополнително ќе им го отежнат процесот за да позајмат и да ги трошат фондовите што се потребни да го започнат закрепнувањето. (Владата во Рим треба да добие 82 милијарди евра во итни грантови).

Исто така нема смисол да се претпостави дека парите наменети за најпогодените држави од вирусот се залудно потрошени, освен ако не се директно вратени. Парите ќе помогнат да се обнови единствениот пазар кој беше катастрофално погоден од пандемијата што е очигледен благодат за трговските држави како Холанија која важи за втор најголем извозник меѓу европските држави. Само неколку држави ќе бидат поштедени од рецесијата, а економиите на „штедливата четворка“ се очекува да се намалат меѓу три и шест отсто годинава. ЕУ изгледаше како брод кој тоне во текот на кризата. Новиот план треба да ги реши проблемите и да биде излез од економската криза во текот на следната деценија, преку инвестициски приоритети како Зелениот договор, како што смета Шарл де Марсили, поранешен советник во експертската група ЕПСЦ.

Жолчноста на оваа кавга се должи на внатрешната недоверба која се разгори како резултат на вирусот, од гневот во Италија поради недоволната поддршка од европските партнери до заканите по владеењето на правото во источноевропските членки. Членките на блокот сами се справуваа во текот на кризата, ги затворија границите и ги чуваа резервите. Сега повторно мора да се вратат на стариот начин на меѓусебна доверба и да му веруваат на Брисел дека праведно ќе ги спроведува правилата на единствениот пазар и ќе донесе конечна одлука за големи заеми.

Охрабрува тоа што Германија, која историски му припаѓа на Северот, сфаќа дека геополитичкиот притисок врз ЕУ од страна на САД и Кина значи дека треба да се преземат радикални чекори.

– Планот е Европа да зајакне и да работи на постигнување на посилен суверенитет на ЕУ – изјави за „Политико“ Олаф Шолц, германскиот министер за финансии.

Превод: Билјана Здравковска