Колумбискиот град Меделин, некогаш царство на наркокартелот Пабло Ескобар, бележи рекордно ниска стапка на убиства во екот на борбата против коронавирусот.

Во март во градот биле убиени 18 луѓе, соопштија безбедносните служби. Вкупниот број на убиени од почетокот на годинава е 86, што претставува намалување за 44 отсто во однос на истиот период минатата година.

Градскиот службеник Хозе Герардо Ацеведо ја опиша бројката како историска.

– Не можеме да негираме дека карантинот има позитивни последици, вклучително и падот на криминалот – вели тој.

Локалните медиуми, вклучително и „Ел Еспектадор“, известуваат дека таква ниска стапка на убиства не е регистрирана во изминатите 40 години.

Ескобар го создал наркокартелот во Меделин во осумдесеттите години на минатиот век и се верува дека до смртта во 1993 година е одговорен за околу 6.000 убиства.

По неговата смрт, градоначалниците се борат против доминацијата на картелите во градот.