Во Германија, бројот на заразени лица со коронавирус се зголемил за 18.773, и се искачил на вкупно 3.287.418, покажуваат податоците на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) за заразни болести.

Според Институтот, бројот на починати од коронавирус се зголемил за 120 и се искачил на 81.564 лица.

Во Германија, во петокот на полноќ стапија на сила измените во законот за заштита од инфекции, кои овозможуваат автоматско воведување на построги мерки во борбата против ковид-19, вклучително и забрана за движење помеѓу 22 и 5 часот наутро, во градови и општини со седумдневна инциденца повисоки од 100 новозаразени на 100 илјади жители.

Пред стапувањето во сила на измените во законот, германската влада апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките, особено на оние во врска со намалувањето на контактите, кои вклучуваат забрана за движење помеѓу 22 и 5 часот наутро.

Мерките донесени од долниот и горниот дом на парламентот, Бундестагот и Бундесратот, покрај забраната за ноќен сообраќај, вклучуваат и мерки за намалување на контактите што овозможуваат едно домаќинство да се сретне со само едно друго лице од друго домаќинство.

Трговците на мало, со исклучок на продавниците за храна и секојдневните потреби и аптеките, можат да прифаќаат клиенти само со негативен тест за коронавирус и со претходно закажување. Над седумдневната инциденца од 165, постои целосен премин кон настава преку Интернет во училиштата.

Од 22 до 5 часот наутро, движењето е забрането, со исклучок на трчање или пешачење за поединци, што е дозволено до полноќ. Од полноќ до 5 часот наутро, само на луѓето со многу голема причина, како што се одење на работа или лекар, им е дозволено да излегуваат на улица. Според германското Министерство за внатрешни работи, забраната за патување важи и за патувања, со исклучок на службени патувања.