Белгија е едно од двете места каде што веќе се произведува вакцината на фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бајонтек“ против ковид-19.

Покрај Антверпен, каде што се наоѓа европското седиште на компанијата „Фајзер“, вакцината се произведува и во државата Мичиген во САД.

– Веќе произведовме стотици илјади дози на двете локации – потврди Коен Колперт од белгиската компанија „Фајзер“ за локалните медиуми.

Американскиот „Фајзер“ и германскиот „Бајонтек“, по прелиминарните анализи во рамките на третата фаза од испитувањето, објавија дека нивниот кандидат за вакцина против коронавирусот има 90-процентна ефикасност, што беше утврдено седум дена по приемот на втората доза.

Вакцината сè уште чека зелено светло од здравствените власти, а „Фајзер“ и „Бајонтек“ најавија дека планираат да испорачаат 1,3 милијарда дози во текот на 2021 година.

Европската комисија е во преговори со овие компании за договор за испорака на 300 милиони дози за земјите членки.