Синоќа во Барселона, првпат од почетокот на пандемијата, се одржа концерт со публика од 5.000 луѓе. Сите присутни пред почетокот на концертот биле тестирани за коронавирус.

Концертот на алтернативниот бенд „Love of Lesbian“ се одржа во салата Палау де Сант Џорди, која може да прими 24.000 луѓе.

Настанот беше организиран за да се тестира дали ваквите концерти, со строги хигиенски мерки, можат да бидат безбедни и покрај пандемијата.

– Добредојдовте на еден од најтрогателните концерти во нашите животи – ја поздрави публиката Санти Балмес, пејачот на групата.

Непосредно пред концертот, публиката мораше да се тестира за коронавирус во еден од трите специјализирани центри. Само шест од 5.000 тестови покажале позитивни резултати, според весникот „Ла Вангуардија“.

– Беше одлично, всушност подобро отколку пред коронавирусот, бидејќи сите беа неверојатно среќни и возбудени што конечно присуствуваа на концертот. Многумина танцуваа и пееја користејќи заштитни маски – изјави Рубен Касадо за агенцијата ДПА.

На заразените не им било дозволено да дојдат на концертот, а парите од билетите ќе им бидат вратени.

Резултатите од тестовите биле готови за 10-15 минути, а тестот и маската биле вклучени во цената на билетот.

Сличен концерт со 5.000 луѓе се одржа во Мадрид во декември лани, но не беше дел од истражување за мерките против епидемијата на коронавирус, а гледачите мораа да стојат на дистанца.