Борис Џонсон (лево) и Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е многу вознемирен од веста за британскиот премиер Борис Џонсон, кој е заразен со коронавирус и синоќа беше примен во одделение за интензивна нега.

– Сите Американци се молат за негово закрепнување. Тој е навистина добар пријател. Тој е навистина нешто многу специјално, силно, одлучно, тој не се откажува – рече Трамп синоќа на брифингот за новинари во Белата куќа.

Додаде дека побарал од две водечки компании да контактираат со службените лица во Лондон и да се распрашаат за терапии, кои би можеле да бидат корисни, пренесува АП.

– Кога ќе ве стават на интензивна нега, тоа станува многу, многу сериозно со оваа конкретна болест – истакна Трамп.

Брзо опоравување на Џонсон му посака и Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адхан Гебрејесус.

– Мислам на мојот пријател Борис Џнсон вечерва и лично и во име на СЗО му испраќам најубави желби во неговата борба против коронавирусот – напиша Тедрос на „Твитер“.