Коронавирусот ослабна и со текот на времето може да изумре, без употреба на вакцина, заклучи професорот Матео Басети, водечки италијански експерт за заразни болести, во интервјуто за лондонски „Телеграф“. Своето искуство Басети го гради врз најновите, многу поблаги искуства за справување со клиничката слика кај пациенти од Италија.
– Клиничката слика што ја имам во последно време укажува на слабеење и интензитет на вирусот – истакна првиот човек од Клиниката за заразни болести од италијанската болница „Поликлинико Сан Мартино“, во близината на Џенова.
– Во март и во април, односот на вирусот беше значително различен: луѓето доаѓаа во одделите за интензивна нега со инфекција, која тешко се лекуваше, потребни им беа кислород и респиратори, бидејќи многумина имаа пневмонија. Во последните четири недели, сликата е целосно променета, особено во однос на помало оптоварување на респираторниот систем.

Според Басети, болеста пред два месеца била како тигар, а сега повеќе личи на дива мачка. Според неговите неодамнешни искуства од Италија, денес дури и постарите пациенти што се на возраст од 80 или 90 години генерално дишат без никаква помош и седат во кревет без проблеми. Истите лица би починале два-три дена порано, смета познатиот вирусолог.
Тој заклучува дека вирусот делумно мутирал како резултат од реакцијата на нашиот имунолошки систем, а делумно како резултат на пониското вирусно оптоварување и од резултатите на преземените мерки на ограничување, носење маски и физичко растојание. Неговата прогноза, е на крајот од краиштата, крајно оптимистичка: вирусот, тврди тој, може постепено да исчезне од популацијата и без вакцина.
Сепак, ова не е прва таква процена, која честопати се преклопува во она што се нарекува и пуста желба.

И онкологот, професор Карол Сикора, од компанијата „Радерфорд хелт“ во Велика Британија, исто така е оптимист дека пандемијата може да „заврши сама од себе“, но неговиот колега Барат Панханија, професор по медицина при Универзитетот во Ексетер и поранешен британски советник за јавно здравје, рече дека идејата е „краткотрајно оптимистичка“.
– Вирусот би можел да исчезне само ако никој не е заразен. Ако имаме успешна вакцина, ќе можеме да го направиме она што го направивме со сипаниците. Но поради сè уште високата стапка на распространетост, коронавирусот сигурно нема да исчезне уште долго време – смета Панханија.
Д-р Алемка Марковиќ, директорка на клиниката за заразни болести „Фран Михаљевиќ“ во Загреб, исто така тврди дека во моментов нема медицинска потврда на официјалните процени за слабеењето на вирусот. Таа верува дека во споредба со почетокот на епидемијата, сега е помала веројатноста за инфекција кога луѓето се во поголем простор.

Семејните контакти во затворен простор сè уште претставуваат голем ризик, исто така канцелариите, рестораните и јавниот превоз се меѓу најризичните места. Според тоа, во случај на понатамошна ескалација на инфекцијата, мерки на епидемиолошка превенција се: избегнување метеж во канцеларии и на собири, како и продолжување со работа од дома, дополнителни стандарди и заштита во угостителските објекти и држење физичко растојание и задолжително носење маски во јавниот превоз.