Во Холандија се одржаа протести поради новите мерки што ги соопшти премиерот Марк Руте, со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Демонстрантите во Хаг изразија незадоволство на улиците, а протестите станаа насилни.

Искршени се стаклата на главната железничка станица, а демонстрантите фрлаа стаклени шишиња и цигли кон полицијата. Оштетени се неколку продавници. Полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстантите.

Со новите мерки, супермаркетите и рестораните ќе работат со скратено работно време, а повторно ќе се воведат мерки за социјална дистанца. Не се препорачуваат повеќе од четири посетители на домовите и би било препорачливо да се работи од дома секогаш кога е можно.

Големите спортски настани ќе се играат без публика, вклучувајќи го и квалификацискиот натпревар за Светското првенство меѓу Холандија и Норвешка следната недела. Училиштата остануваат отворени.