Велика Британија ги зајакнува граничните контроли за да спречи нови видови на коронавирус да влезат на нејзината територија, суспендирајќи ги коридорите преку кои државјани на некои земји пристигнаа на островот без задолжителен карантин.

Промената ќе стапи на сила во понеделник во 4 часот по британско време. Тогаш сите патници ќе мора да покажат негативен тест и веднаш по пристигнувањето да одат во изолација, која ќе трае десет дена, освен ако лицето не се тестира повторно по пет дена и е негативно.

Премиерот Борис Џонсон ја објави новата мерка на денешната прес-конференција со која ја пофали кампањата за вакцинација.

Лондон вчера ги забрани пристигнувањата од Јужна Америка, Португалија и неколку други земји од страв од нов вид, откриен во Бразил. Велика Британија веќе е сведок на последиците од мутацијата на вирусот. Откриениот вид во Англија се покажа како позаразен и е причина за брзото ширење на вирусот низ целата земја.