Во Велика Британија и во Данска во изминатото деноноќие регистрирани се рекордни бројки на заразени од коронавирус.

Во Велика Британија евидентирани се 88.376 нови случаи, со што втор ден по ред е соборен рекордот. Вчера беа регистрирани 78.610 нови случаи.

Британскиот премиер Борис Џонсон почна со повик за вакцинација со бустер-доза додека омикрон продолжува да се шири во целата земја.

– Секое возрасно лице во Англија од денес може да се вакцинира со бустер. Апсолутно е важно луѓето сега да се вакцинираат со бустер-доза бидејќи Велика Британија бележи рекорден број нови случаи – рече Џонсон.

Во Данска денеска беа регистрирани речиси 10.000 нови случаи на Ковид-19, што е најмногу од почетокот на пандемијата. Од нив, кај 3.000 е изолиран новиот сој омикрон.

Според данските власти, наглиот пораст на бројот на заразени се должи најмногу на заживувањето на ноќниот живот.