Варијантата Делта претходно позната како индискиот вид на ковид-19 се шири низ Обединетото Кралство, стана доминантна во Португалија, а се појави и во кластери низ Германија, Франција и низ Шпанија, со што европските здравствени власти предупредуваат дека ќе бидат потребни допопнителни мерки за да се сузбие нејзиното ширење, пишува „Фајненшл тајмс“.

Новиот вид кој првично се појави во Индија добива на замав, според анализата на „Фајненшл тајмс“ направена врз основа на податоците од иницијативата „ГИСАИД“. Варијантата Делта е одговорна 96 отсто од новите забележани инфекции во Португалија, повеќе од 20 отсто во Италија и околу 16 отсто во Белгија, покажуваат пресметките на весникот.

Порастот на бројот на случаи ја зголемува загриженоста дека варијантата Делта би можела да го сопре напредокот што Европската Унија го постигна во изминатите два месеца, намалувајќи ја стапката на смртност од ковид-19 на најниски ниво уште од есеноска.

Научниците сега се насочени кон Обединетото Кралство, каде што бројот на случаи на ковид-19 е тројно зголемен во изминатиот месец и каде што варијантата Делта опфаќа 98 отсто од новите случаи, во обид да најдат одговори во однос на преземањето на ниови мерки. Податоците покажале и дека варијантата Делта го зголемува ризикот од хоспитализација за 2,2 пати во споредба со првичниот вид на ковид-19. Британската влада го одложи и планираното укинување на постоечките превентивни мерки за еден месец.

Дали кластерите на варијантата Делта низ ЕУ ќе се претворат во поголеми жаришта ќе зависи од од бројот на потполно вакцинираните, според научниците, како и од однесувањето на луѓето кога поголемиот дел од рестрикциите се укинати.