Џејн Халтон

Пронаоѓањето на вакцина против ковид-19 би можело резултира со значително зголемување на апелите за првично снабдување на локалното население, што се заканува да ја загрози глобалната дистрибуција во појавата на т.н. „вакцина-национализам“, предупредува Џејн Халтон, претседателка на Коалицијата за иновации на епидемиска подготвеност, пренесува „Гардијан“.

– Доколку биде пронајдена вакцина против ковид-19, потребно е да биде глобално дистрибуирана, со цел светот да се заштити од национализмот. Доколку една земја не се грижи за нејзините соседи и поради неа тие немаат вакцина, целиот свет ќе продолжи да страда – изјави Халтон. 

Халтон, која е поранешна директорка за здравство на Австралија, како и поранешна членка на Светската здравствена организација (СЗО), изјави дека постои шанса да се развие вакцина за ковид-19, бидејќи иако 94 отсто од кандидатите за вакцини се неуспешни, има околу 130 групи кои работат на проблемот ширум светот.

Коалицијата поддржа 10 кандидати за потенцијална успешна вакцина, меѓу кои и еден во Австралија, кој би можел да премине на човечки тестирања уште во јули.  

СЗО разработува список на „приоритетни приматели“ на вакцината, вклучувајќи ги здравствените работници од прв ред, постарите лица, како и оние лица кои спаѓаат во загрозените категории.

– Засега, сите сме заедно во оваа ситуација. Но, штом се појави вакцина, се плашам дека можеби веќе нема да се чувствуваме како да сме заедно во пандемијава, како што тврдевме досега – вели таа. 

Халтон исто така е загрижена за ублажувањето на мерките во Австралија, како и за ситуацијата во која се наоѓа Кина, која е честопати обвинувана за пандемијата. Но, таа даде поддршка за спроведувањето на истрага за потеклото на вирусот, со цел да се спречи избивање на слична пандемија во иднина.