Вакцинацијата со вакцината на „Џонсон и Џонсон“ беше привремено стопирана во САД поради згрутчување на крвта кај шест лица. Добрата вест дека вакцината на „Џонсон и Џонсон“ ќе почне да се употребува во Европа траеше одвај една недела, откако компанијата објави дека доставата на вакцините ќе биде одложена, пренесува „Политико“.

Ситуацијата со „Џонсон и Џонсон“ наликува на онаа со вакцината на „Астра зенека“, која беше проследена со доцнењето на испораката и проверка на безбедносните проблеми во ЕУ.

– Видовме што се случи со „Астра зенека“. Подобро да почекаме, отколку потоа да се каеме – изјави официјален претставник на ЕУ.

Сè уште не е јасно дали земјите ќе ги користат првите дози кои веќе ги добија, и покрај паузирањето со вакцинацијата во САД. Се претпоставува дека одредени држави ќе донесат самостојна одлука.

– Потребна ни е јасна и брза едногласна одлука, не како во случајот со вакцината на „Астра зенека“ – изјави Алесио Дамато, здравствен советник од Италија.

Досега, повеќето земји, дури и оние кои беа многу претпазливи во врска на вакцината на „Астра зенека“, посочија дека сепак ќе продолжат со вакцинацијата со „Џонсон и Џонсон“.

Белгија има 36.000 дози и планира да ги користи, освен ако Европската агенција за лекови не советува поинаку. Португалија исто така соопшти дека е прерано да се паузира имунизацијата со вакцината. Шпанија допрва треба да донесе одлука дали ќе ја користи вакцината.

Фактор што влијае на одлуката во врска со „Џонсон и Џонсон“ е колку дози нарачала секоја земја. До крајот на јуни, ЕУ треба да добие 55 милиони дози, кои беа понудени на врз основа на популацијата во секоја земја.

Европските регулатори сè уште не донеле одлука да не се користи вакцината на „Џонсон и Џонсон“. Но, вниманието сега е насочено кон извештајот за безбедност што Европска агенција за лекови со цел да ги испита случаите на згрутчување на крвта поврзани со вакцинацијата во САД.