Одбирањето на точната статистика е од клучно значење во справувањето или влошувањето на пандемијата на коронавирусот

Автор: Џереми Волас

Форин полиси

Од ковид-19 до американските избори, 2020 е година на бројки. Бројките играат голема улога. Внимателното избирање кои од нив да се нагласат е моќна алатка за демократските и за авторитарните влади, дури и ако тие избори не секогаш ја одразуваат реалноста која треба да ја прикажат.

Иако целосното отфрлање на бројките можеби им е привлечно на некои популисти и интелектуалци, на владите им е потребна некаква форма од нив за да управуваат со големите општества. Сепак бројките организираат и поедноставуваат сложена реалност во нешто што може лесно да се сфати и да биде конкретно. Тие пренесуваат една аура на објективната вистина, транспарентноста и научниот авторитет за опишувањето на реалноста или за донесувањето на одлуките. Еден диктатор или надежен автократ може да биде прикажан како фер, транспарентен и одговорен. Дури и во една демократска држава може да седаде предност на една пред друга агенда. Атрактивно изгледа да се оцени влијанието на политиките врз основа на билансната состојба. Среде пандемијата која сите нè направи аматерски статистичари, кои нервозно се расправаме за бројот на новозаболени и ширењето на вирусот, од суштинска важност е да се изберат вистинските бројки.

Што се брои и што политички се истакнува влијае врз очекувањата на јавноста и процените. Кога бројките имаат централно место во дебатата, може да биде тешко да се занемарат. Хиперконкурентниот пазар за внимание ја потиснува потребата да се приспособат методите за пресметка на БДП или формулите за трошоците за живот. Бројките исто така ја дефинираа пандемијата на ковид-19. Иако кризата резултираше со впечатливи слики на празни градови и погребални автомобили, размерот на катастрофата и ширењето на вирусот беше главно прикажано преку бројки. На пример, „Њујорк тајмс“ на насловната страница годинава три пати почесто ставаше инфографици за разлика од лани.

Американскиот претседател јавно веруваше дека ако медиумите обрнуваа помалку внимание на вирусот, немаше да му бидат нарушени изборните шанси. Бидејќи беше свесен дека вниманието беше фокусирано на зголемените бројки, тој се обиде да ја намали нивната важност. На 1 август тој објави на Твитер: „Неточно! Имаме поголем број на регистрирани случаи заради зголеменото тестирање од која било друга држава, 60 милиони. Ако помалку тестиравме, ќе имавме помалку случаи“. Но на илјада милијарди вируси не им е важно какви бројки ќе прикажат „Фокс њуз“ или „Њујорк тајмс“. Реалноста е поинаква од бројката која сака да ја прикаже таа реалност.

Покрај постојаните развојни цели на режимот, одговорот на кинеската влада на ковид-19 беше длабоко вкоренет во самиот вирус. Иако се шушкаше како би требало да тече повторното отворање на економиите и спречувањето на ширењето на вирусот, строгите карантини и рестрикции во државата продолжија во февруари па сè до 22 март, кога во Вухан, епицентарот на вирусот, не беше регистрирана локална трансмисија на вирусот четири дена по ред. Се исплатеше силниот фокус на одредени бројки, како бројот на случаи и репродукцискиот број. Кина која има население од 1,4 милијарди жители нема пријавено 500 случаи во еден ден од февруари, за разлика од Северна Дакота која има население од 750.000 жители и во просек има по 500 заразени секој ден од 11 октомври. Откако го победи вирусот, Кина, речиси единствена од сите големи светски економии, соопшти позитивен раст во споредба со претходната година.

Слабостите на пресметките не треба да нè натераат целосно да ги отфрламе оние што не се посакувани. Тие го поттикнуваат прецизното размислување, непристрасните споредби, информираните планови и последователните евалуации. Потребно ни е да сфатиме дека разни вредности и разни приоритети се длабоки вкоренети во мерките кои владите ги избираат. Тие разлики треба сериозно и отворено да се сфатат, да не се игнорираат како мистерии или да се отфрлаат како неважни во еден неизвесен свет.

Пандемијата бараше да се фокусираме на точни бројки, а не на нивното прилагодување за нештата да изгледаат подобро или да се направи погрешен избор и економијата да се стави на прво место пред здравјето. Истото важи за последната битка со коронавирусот. Фокусот на малите разлики во ефикасноста на вакцините е дефокусирање во споредба со бројките кои се најважни, односно брзината и ефикасноста на дистрибуирањето на вакцината и изборот кои групи први да се вакцинираат. На долг рок, пандемијата може да создаде јавност која ќе биде повеќе информирана и поактивна во избирањето на која статистика ќе биде важна.

Превод: Билјана Здравковска