Новиот британски министер за здравство, Саџид Џавид, денеска соопшти дека е позитивен на ковид-19, но има благи симптоми бидејќи примил две дози на вакцина против вирусот.

„Утрово бев позитивен на ковид“, напиша тој на „Твитер“, додавајќи дека направил брз тест и чека потврда од ПЦР-тестот, за кој е потребна обработка во лабораторија, објави „Ројтерс“.
„Го чекам мојот резултат од ПЦР, но за среќа сум вакциниран и имам благи симптоми“, истакна Џавид.

Поранешниот британски министер за финансии, Џавид, неодамна беше именуван за министер за здравство, откако таа позиција остана празна по скандалот со претходниот министер, Мет Хенкок.

За Хенкок се појавија снимки на кои се гледа дека со страсни бакнежи во канцеларија ги прекршил мерките за физичко растојание, со својата љубовница и помошничка во кабинетот.