Британската влада одби да каже кој е одговорен за нуклеарните кодови на Велика Британија, додека Борис Џонсон се лекува на интензивна нега поради компликациите од ковид-19, пренесува „Гардијан“.

На прашањето на Би-би-си дали на шефот на британската дипломатија Доминик Раб му се предадени нуклеарните кодови, министерот на кабинетот Мајкл Гоув рече дека „постојат добро развиени протоколи што се на сила“.

– Едноставно не можам да зборувам за прашања од национална безбедност – додал Гоув.

Велика Британија има четири нуклеарни подморници вооружени со балистички ракети „Трајдент 2 Д5“ со нуклеарни боеви глави, како и залихи од околу 215 нуклеарни боеви глави, од кои околу 120 се оперативно активни.

Само британскиот премиер може да овласти нуклеарен напад. Таквата наредба се пренесува на една од нуклеарните подморници на Велика Британија со посебен пакет кодови.