Велика Британија соопшти дека ограничувањата за извоз на вакцини против ковид-19 можат да ја загрозат глобалната борба против коронавирусот.

Од таму додаваат дека очекуваат Европската Унија да ги почитува своите обврски во рамките на својата програма за вакцинирање, пишуваат бртанските медиуми.

– Глобалното закрепнување од ковид-19 се заснова на меѓународна соработка. Сите зависиме од глобалните синџири на снабдување и поставувањето ограничувања ги загрозуваат глобалните напори за борба против вирусот – рече портпаролот на премиерот Борис Џонсон.

Европската комисија ја поддржа одлуката на Италија да го блокира доставувањето на 250.000 дози на вакцината „Астразенека“ во Австралија.

– Премиерот разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно оваа година и таа потврди дека нивниот механизам е насочен кон транспарентност и дека тој нема намера да го ограничува извозот, очекуваме ЕУ да продолжи да ги почитува своите обврски – рече портпарол на британскиот премиер.